Како во сон друг што му го кажувал, на доктор Миха му поминаа наредните денови и ноќи, споени во некоја колку сивина толку темнина, во која сè се препознава по научен навик а не со непосреден допир - од моментот кога го препозна синот во мртовечката картотека на Судската медицина, преку поворката низ гробиштата во која место тој да ја придржува жена си таа го придржуваше него заедно со ќерката, до тупотот на првата грутка земја што удри по сандакот на син му во гробот и оттогаш не престана да му одѕива во испразнетите гради, како грмеж од небото кој пред да одмине со облаците спалил една кревка тревка што ќе запусти цела душа.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)