Можеби тоа беше давање одушка од макотрпната работа, можеби беше терање инает во војните, со реквизициите, со даночниците и чифликсајбиите, но жителите на Потковицата, со вкоренет оптимизам на луѓе прикрепени за земјата, односно со докрај изјаснета свест дека таа, мајчичката земја, раѓајќи одново и одново го обновува својот и нивниот живот, односно дека освен неа и нив ништо друго и никој друг не е вечен, на сѐ во врска со жетвата му дава одреден празничен призвук.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Душата на животните е тесно поврзана со нивната физичка природа; таа е сврзана со материјата и не може самостојно да постои и делува; постои само додека постои животното, зашто тоа не е духовно битие како човекот; таа не може да господари со своето тело како душата на човекот; тие не се разумни суштества и не можат да мислат; тоа својство му е дадено само на човекот; тие имаат само сетилни нагони и инстинкти; а човекот, како мисловна природа, е свесен за себе си, мисли за вечноста, за бога, за својот живот, за своите постапки, и на тој начин го обновува своето постоење; има психички живот, а животните си остануваат онакви какви што се создадени - неразумни битија; движењата им се условени од надворешни и внатрешни влијанија и нагони кои произлегуваат од физичката потреба да се одржат себе си и своето потомство; немајќи разум, немаат ни апстрактни појмови: за добро, за лошо, за вистина, за убавина.
„Злодобро“
од Јован Стрезовски
(1990)