– „Море не велете ми аџија, бре селани им рекол Силјан, оти не би касмет да одам на аџилак, чунки дуовникот што ме зеде да ме носи се удави в море; оставете, браќа, не е за кажување и за верување тоа што сум патил во овие две-три години, ама ак ми беше тоа што сум патил оти од таткова и мајкина клетва не сум верувал.
„Силјан штркот“
од Марко Цепенков
(1900)
Есента доаѓа рамнодушна и дури некако скептична во кругот на самотата што го носи Се постелува преопрезна зад грмушките на видот и чека како итро демнење И не е само тажна метаморфоза на лисјето и подмолен пристан на испокинатите магли што висат од рамената на студот Туку е клопче од многу излитени носии и сива клупа од постојани медитации при кои долго се молчи
„Дождови“
од Матеја Матевски
(1956)