насочи (гл.) - пробив (имн.)

...како и сликите сосема разголени сегашни дум дум твоето срце црвена задишана топка отскокнува низ митот остава лепливи отисоци насекаде по ѕидовите по книгите по прозорските стакла на проѕирната опна меѓу ножните прсти дум дум сè посилно сè понемирно го впиваш небото во сексот сета предисторија исчезнува цврсто врамените семејни фотографии се кршат од нечиј под толку далеку во тебе пулсира вселената... читајќи научно-фантастичен расказ или можен обид за психоаналитички пристап кон платоновото царство на чистите идеи ...како да го насочам пробивот кон запленетиот свет на идеите кон горе над облаците во палатите на светите татковци или можеби под набабрената почва под тврдоста во магмата кај осакатените обезличени дивови растопени во едноќелиски траги по огнените реки а што ако идејата е токму таму ниско најниско под мртвите мориња под скелетите на последните рудари среде хаосот на неименувани елементи метаморфозни испарувања вечни грчеви...
„Или“ од Александар Прокопиев (1987)