Ѝ рече: „Јано, ти личам ли на дрво?“ „На дрво?“ се зачуди. „Се шегуваш.“ „Не, искрено“, матно бараше. „На дрво - јавор, глог, зеленика.“ „Не ми личиш“, без веселост му призна.
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)
Зад иконата во собата, Висар наоѓаше црковни книги; читајќи ги, му стануваа сѐ поинтересни: соништата сега му беа исполнети со рајски убавини и чуда; тие книги сега не му даваа време да размислува за смртта, за стравот од Зенула; престана да размислува што ќе биде кога ќе му го забуца куршумот Зенула: како ќе изгледа тој бодеж: ќе личи ли на трн, на игла или на врв со нож; и кај може куршумот да го погоди: ако го погоди во нога - ништо, ако го погоди в рака - пак ништо; знае дека можат луѓето и без рака и без нога; но ако куршумот го погоди в глава, в срце, што навистина се случува тогаш со човека: како настапува смртта, како изгледа тој миг?
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)