Париз `ржи ранет, Варшава до појас в гроб и го копа гробот на смртта, Прага се грчи в мрак.
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)
Луѓето што копаа гроб, ги извадија коските од Лиќо, татко му на Танаил и ги собраа во вреќичка за да ги стават повторно во гробот.
„Злодобро“
од Јован Стрезовски
(1990)
Можеби ти беше во право, кога еднаш за него ми рече дека не копа бесплатно оти е добар и хуман, туку бидејќи е лаком и бидејќи заради тоа има страв од казна, та копа гробови бесплатно за да си ја смири совеста.
„Бунар“
од Димитар Башевски
(2001)
кога ќе испуштаат душа - кожата им продолжува и понатаму да им поигрува, да се тресе, како под неа да јураат ситни бубачиња со голема брзина; другите ајвани, пак, коњите, магарињата, маските, ждребињата: пред да паднат, да се стропачат на земјата, се тетерават à наваму à натаму како пијани, како бунило или треска да ги зафатило: одат па се повраќаат, тргнуваат кон една страна, кон друга, се завртуваат во круг, и како пред нив да се отвора голема бездна, ги опнуваат нозете во земјата, се потргнуваат газум-газум и паѓаат; кога ќе треснат на земјата, продолжуваат со главата да мавтаат на сите страни како да сакаат да скинат некој невидлив оглав со кој се врзани, и удираат со предните нозе, гребат по земјата и, чиниш, си копаат гроб или кинат нешто што ги сопина; испуштаат душа со подзината уста, со искривена муцка, со пуштен јазик, со очи смигнати или отворени и рогливо извртени; над нив се собираат сите птици, сите кучиња од селото; дрпаат и завиваат; луѓето ги слушаат, се ежават и ги колнат: главата да си ја изедете!
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
На наддланката му лазеше пролетна бубачка под црвен оклоп, она за која се веруваше дека е предабер на гости.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Се сеќаваш, Герасим од Побожјане ни раскажа чудна прикаска.“ Се сеќавав за она што ми го рече Онисифор Мечкојад.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
„Секакви прикаски му ги пијат дробовите на човека и му го копаат гробот. Се сеќавам, батко Онисифоре.“
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Потоа, по еден час од поаѓањето на Арсо Арнаутче и на Цветко Грнар, пошле еден по друг по пролокан пат и луѓето со двоколките, повеќето со надеж дека враќањето ќе помине без жртви иако двајца или тројца понекогаш загрижено погледнувале кон постариот тревар.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
„Прикаски“, воздивна. „Секакви прикаски му ги пијат дробовите на човека и му го копаат гробот. Се раѓаш да буташ некого кон гроб додека друг и тебе те бута зад грб.“
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Се умирало и веќе се немало сили да се копаат гробови: откако се договориле уште во Лесново да се здружат, тие и сите во Кукулино во дваесет воденици, требало да се мисли и да се предвидува дека дел од маката на живите ќе станат и гладните детски усти на некои од загинатите, бездруго на Јане Крстин, Пеце Дановски и Борис Калпак, а најмногу купот штури наследници на килавиот Јаков.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Јас дотогаш понекогаш и си помислував дека и мене може да ми се случи да морам да заминам негде џенем, се разбира ако одлучи татко ти да си замине дома, во Новодеревјановское; жената секогаш е врзана со некој невидлив конец за мажот; ние сме сенки на чекорите на мажите; иако јас и не го прифаќав којзнае колку тоа; мислам на женското почитување ; но не зборувам само за себеси; зборувам за жените; за нивните среќи и несреќи; да, дотогаш помислував оти може да се случи и тоа, да заминеме некогаш заедно кон тоа негово Новодеревјановское; но тој ден, кога на чардакот кај дед Павел ја видов сета онаа церемонија, и оние глави без шапки што се веднеа пред Истокот како пред кандило, сфатив дека на Козаците и на другите Белогардејци им нема враќање, дека тоа никогаш нема да се случи, и дека стојам помеѓу луѓе откорнати од некоја огромна далечина и којзнае како довтасани дури до овде, до чифликот на некој си Турчин кој исто така е откорнат одовде и е фрлен којзнае каде, негде во Азија ли, во Анадолија ли, и тогаш навистина повторно помислив на Војните и повторно во ушите ги слушав проклетите војнички труби без да знам кој со кого војува, кој на кого му копа гроб, кој кого го черечи.
„Жената на белогардеецот“
од Србо Ивановски
(2001)
- Ами, сега, прашуваме, зар уште ќе копаме гробови?
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)