И така, секој дуќан во кој денеска ќе влезат свадбарите, ќе има понекој петак аир, та дури и Мамуд ковачот ќе се овајди, оти ќе се требни клинци и плочи да се коват коњите на свадбарите што ќе бодињаат по невестата цел ден.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Ѕидниот часовник – предел во кој да го препознаеш белото велигденско оро околу црквата; црвената поплава на узреаните цреши; златниот прстен што на месечина го коват коњите околу стожерот во дворот; појавата на црните ѕвезди спроти луњите; фортуната во која останаа завеани кирајџиите; жените што со разголени дојки пеат во жетвите на далечните лета; сенката на старецот дури се крсти над трпезата; јаренцата што ги кубат перуниките во дворот; девојката која гледајќи ги размножува пупките на овошките; расфрланите коски на предците како ракопис на далечните потомства; прошетка под оваа априлска месечина кога си шептат нешто историјата и татковината,
„Љубопис“
од Анте Поповски
(1980)