Имаше притоа Мехмед паша постојано при себе и еден стар ферман со султански оловен печат стасан до дедо му, славниот Исхак-бег, кога овој стана заповедник на Скопје: ферманот беше пишуван со рака и зелено мастило, а дојде во футрола од ѓон, со сребрени скопци, и залепена со восок: не само што постојано го препрочитуваше тој ферман, туку и го учеше на памет.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Па тој ме тера мене да помислам често дека сите луѓе отсекогаш краделе, а тоа е онаа неговата вистина, што тој ни ја наметна на сиве, така што дури и јас речиси заборавам многу работи, што ги знаев за животот, кога мислев дека сѐ зависи од тоа колку се сака да се создаде нешто, и колку труд ќе се вложи во тоа, и колку чесност и ќе се вложи во тоа, колку чесно и ќе се сака и ќе се создава тоа, и уште колку среќа ќе се има притоа, и дека не постои ништо друго, што би можело да влијае.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)