Во тие пијани деноноќија дојдоа и Ѓупците кои војната ги разбрка; дојдоа одненадеж весели и распеани како да испоскокаа од небото; ја запоседнаа одново широчинката крај езерото, ги запоседнаа местата кои, по некое непишано правило, им припаѓаа и ги сметаа за свои, ги опседнаа казаните, пиеја од ракијата со грсти како вода да пијат од извор, играа и пееја, ги прескокаа огновите што ги палеа, го опкршуваа селото и секакви чуда и ѓаволштини правеа: секому спрема желба му нудеа и му даваа деца: машко, женско, пеленаче, годиначе, тригодишно или кој какво сака; нудеа и девојки и жени за евтини пари; нудеа за привремено или за постојано.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Ќе дојдеше одненадеж, како диво ветре, ќе дувнеше да ми соопшти оти во Домот за старци во Катланово директорот краде, дека во Негорска Бања ги трујат гостите со бајата, расипана храна, дека на министерот едикојси му ја запалил фотелјата заради нечесност, дека ја продава бараката во која живее, дека покојната сопруга Кона поначесто му доаѓа на сон и дека го вика, го кани кај неа и дека уште не е подготвен да оди, да си оди, зашто уште не му е времето и слично.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)