По свршувањето на неговиот реферат, зеде збор младото „попче" и откако им ги пренесе пораките и благословот од дедото владика, почна да дава совети и предлози, што треба да направат селаните за нивното добро и просветување.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Така течеше мирниот живот на човекот, кој со четирите стотки плата умееше да биде задоволен од својата судбина, и ќе му дотечеше можеби и до длабока старост, да ги немаше разните неволи, истурени на животниот пат не само на титуларните, туку дури и на тајните и вистинските, дворските и секакви други советници, дури и на оние кои никому не даваат совети и самите од никого не примаат.
„Црни овци“
од Катица Ќулавкова
(2012)
црвената: пламливи, избувливи луѓе: што на ум, што в срце - тоа на уста, за една болвосерка - туриваат каца со мед; им пререче ли нешто, им се пикна во зборот, не ги поддржа, не им одобри - повеќе за тебе не држат, те замразуваат; додека имаат мака на алтан-терезија те држат, кога ќе им помине маката, за старо тенеќе те даваат; само тие како да постојат во селото; соседите ги тераат да ги врзуваат кокошките, а тие кучињата свои ги пуштаат кај што сакаат; кога ќе се впипрат во лицето - запелтечуваат; ако ти е фрлена шега, подбив, мунѕа - од нив е; се зафатија ли со нешто, наумија ли нешто - или ќе го сторат или раката ќе си ја отсечат; жолтата: колебливи во очи, во држење, во однесување; многу сакаат да слушаат, да чујат сè, а ни трошка нешто од себе да речат; во расправиите бегаат, не сакаат тука да се најдат; дома глас не им се слуша, како да не се живи; за мала работа трчаат кај соседите за совет; кога ќе им влезеш в куќи, не ги фаќа паника, ниту брзаат да те почестат; ако дедо им бил говедар, козар, питроп, полјак - таткото и синот и внукот се тоа; по гробиштата кога сите лелекаат и плачат, тие ги гаснат свеќите да не се трошат до крај; секогаш одат со навалени глави загледани во земјата како да бараат нешто што изгубиле или пак што загубил друг; кафеавата: рано легнуваат, рано стануваат; тешки во одењето, тешки во зборот; само за себе живеат; што било, како било - во нив останува; дома со седење те пречекуваат: ќе те измерат: кој си, што си, па ќе станат; за многу работи се прават дека не чуле; она што е нивно не го даваат на друг да се послужи; устата им испушта мед, а срцето пелин; кога ќе им дојде невеста во куќата, или ќе ја претопат - табиетот да им го земе, или клоцата ќе ѝ ја удрат; имотни се, но со прсти стегнати, кајафлии не се расфрлуваат и не арчат многу: дури и кога дечињата наутро ги празнат мешињата, ги празнат во дворот - да имаат што и кокошките да колвнат; избегнуваат кај што не им е по ќеф или кај што шерепере се зборува; жените со плетиво одат в поле, в планина, в црква, на молзење, в град по купување; кога даваат совет, не ти кажуваат сѐ докрај - нешто и за себе задржуваат; ако те засакаат - виделе нешто во тебе што им се допаѓа; кога ќе им се случи нешто лошо во куќата, одмерено плачат; кога се болни, не ѝ веруваат на болеста; со неа шетаат, со неа работат, со неа по веселби одат; ја носат, а гледаат кому да му ја прилепат; розовата (шеќерлијата): чаламџии, фодули, самобендисани, а купи ден - помини; на оро први; те сакаат додека имаат мака; јајце да варат, надвор го варат - да ги гледаат сите; од надвор куќата чиста, паќна, што се вели: азна, а внатре празна; што да се случи во селото - први разбираат; во разговор ќе те префрлуваат од рид на рид, ќе ти тргаат фурки - в очи ќе те лажат; не држат многу до зборот: речи - одречи; ти даде ли нешто, сите знаат; новата кошула ја облекуваат врз старата: кој да види да завиди; први се за гости, за јадење, за пиење, а кога ќе им дојдеш дома - им поминал светецот!
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Тогаш пред заминување, барајќи клучен совет, во воената школа, во вечните прошетки во кампот, потонат во миризливото зеленило, во кое доминираа багремите, пресудно за мене, со искреност и од душа ми рече: Тешко е да се дадат совети во дипломатијата.
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)